Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Почитувани акционери, клиенти, драги колеги, пријатели,

Изминатата 2023 година, иако повторно исполнета со низа на неизвесности на глобално ниво, во споредба со 2022 година, економските текови почнаа полека да се стабилизираат.

Иако се продолжи со затегнување на монетарната политика на централните банки со цел намалување на инфлацијата, а истите чекори ги следеше и Народната банка на РСМ, сепак, банкарскиот сектор во целина и во кризните времиња ги потврди својата стабилност и сигурност и продолжи да биде поддршка на економијата на земјата.

Халкбанк и во вакви услови, со раст на каматите и затегнати услови на работење, испорача позитивни резултати во секој домен. Нашата стратегија постојано да нудиме најразлични производи на пазарот  според барањата и потребите на клиентите и тоа по најдобри услови, се покажува како најдобар начин да создаваме вредност за сите – за државата, акционерите, вработените и клиентите.

Заклучно со декември, забележавме значаен резултат во однос на депозитната база, која надмина една милијарда евра, од кои 1.020 милиони евра се депозити на клиенти − правни и физички лица кои се зголемија во однос на истиот период лани за 171 милиони евра. Притоа депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 80 милиони евра, а на населението – за дури 90 милиони евра.  Причина за ваквиот раст во делот на компаниите е веројатно „задршката“ од поголеми трошоци поради кризата која носи неизвесност, додека во сегментот на население е на атрактивните депозитни производи, со атрактивни каматни стапки, кои ги понудивме на пазарот.

Во делот на кредитирањето, и во услови на затегната монетарна политика, имаме пораст од над 95 милиони евра. Ова најмногу се должи на корпоративниот сектор каде што имавме зголемување на кредитирањето во висина од речиси 90 милиони евра. Кога зборуваме за правните лица, раст на кредитирањето има кај сите големини на компании. Најголем, секако, е во сегментот на големите компании, но пораст има и кај средните, малите и микро фирми. Кај населението имаме намалување на кредитирањето, што и можеби е очекувано со оглед на мерките и целите на централната банка за намалување на инфлацијата.

Нашата актива со вкалкулираниот пораст сега веќе изнесува 1,6 милијарди евра. Нашиот нето-профит, заклучно со декември 2023 година, изнесува 20,3 милиони евра. Сето ова го потврдува фактот дека Халкбанк е силен бренд и сигурна и стабилна банка.

Наш деловен императив и во годинава што изминува беше посветување особено внимание на корпоративната општествена одговорност како начин за помош на поединци и заедницата во целина.   Оттаму, поддржавме најразлични општествени активности од областа на спортот, културата, образованието, поддршка за најмладите во делот на образованието и едукацијата, посветување внимание на постарата генерација и друго. Особено сме горди на нашата „зелена агенда“ и препознавање на Халкбанк како еко ориентирана банка која помага во зголемување на шумскиот фонд во Северна Македонија, поттикнување здрави животни навики и заштита на природата.

И во 2023 година се потрудивме да испорачаме производи во согласност со потребите на пазарот, но и иновативни производи како дел од нашата стратегија да бидеме лидери во воведувањето производи базирани на новите технологии и дигитализацијата. Затоа и продолживме  со воведување нови производи и услуги кои носат ново корисничко искуство и задоволство кај нашите сегашни и идни клиенти. Овој принцип ги води сите наши активности и се применува во нашите секојдневни ангажмани.

Во наредниот период ќе продолжиме да го градиме нашиот бренд и да ја остваруваме целта да бидеме една од најголемите банки во земјата и прв избор на клиентите. Тоа ќе го оствариме со понуда на нови, иновативни услуги со најдобри услови на пазарот и со следење и имплементирање на новите технологии кои се развиваат со незапирливо темпо и отвораат многу нови можности. Ќе продолжиме да бидеме и пример за општествено одговорно делување со нашата поддршка на општествени активности. Тука, секако посебно место ќе заземат нашите еко активности чија основна цел е давање директен придонес во насока на зголемување на зеленилото и заштита на природата, но и подигање на свеста како за потребата на сите поединци и чинители во оштеството да се грижат за природната средина. Во тие рамки, како што веќе најавивме, ќе реализираме голема петгодишна донација од 1.000.000 садници за пошумување на земјата во региони каде што е тоа потребно. Сето тоа ќе го постигнеме со нашите вработени кои се основа на нашиот успех.

Со почит,
Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Copyright 2014 HALKBANK АД Скопје. Сите права задржани. | Политика за приватност | Политика за колачиња